Граѓаните со блокади и протести од понеделник ќе го искажат своето незадоволство против неочекуваното донесување на деталните урбанистички планови за скопските населби Карпош 3 и Тафталиџе 1. Гневни на Општина Карпош, во изјава за весникот „Утрински весник“ дел од нив посочуваат дека ќе го блокираат булеварот „Партизански одреди“ поради изгласаните измени и дополнувањата на ДУП-овите, кои беа донесени на 5 јануари. Пред самата јавност, стручната фела и новинарите, донесените урбанистички планови ќе бидат достапни за преглед дури од понеделник, со што и конкретно ќе може да се види кои од постоечките слободни парцели во населбите ќе добијат нова намена.
За помалку од една недела, од опозициската партија СДСМ денес повторно реагираа на донесувањето на спортните урбанистички планови. „На седницата на Советот на општина Карпош, одржана на големиот христијански празник Бадник, скришно, на нетранспарентен начин, советниците на ВМРО – ДПМНЕ и на ГРОМ ги усвоија Деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и Карпош 3. Ваквата насилна, недемократска одлука на ВМРО – ДПМНЕ и ГРОМ, односно на Никола Груевски и Стефчо Јакимовски е спротивна на интересите и барањата на граѓаните на Карпош. Граѓаните со право реагираат и не се согласуваат со „дил-ориентед“ одлуките на Груевски и Јакимовски, за што беа поднесени и стотици анкетни листови токму за овие Детални урбанистички планови“, вели Душко Весковски, претседател на СДСМ – Карпош.
Од СДСМ ги поддржуваат граѓаните на Карпош кои бараат зеленило наместо урбана џунгла од згради. Советничката група на СДСМ и коалициските партнери поднесе две иницијативи за покренување постапки пред надлежните органи, во врска со незаконската и неделовничка постапка за носење на овие два урбанистички планови. Опозициската партија поднела претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа поради прекршување на повеќе законски и подзаконски акти на Општината. СДСМ денеска ги поддржа сите граѓански иницијативи за демократско изразување на незадоволство од начинот на носење на урбанистичките планови.
Со своја реакција, денеска се јави Горан Михајлов како координатор на советничката група од партијата ГРОМ. Тој посочи дека донесените урбанистички планови се изгласани во најтранспарентна и законска процедура, поминувајќи ги сите институционални филтри. Од ГРОМ посочуваат дека во изминативе три години тие заедно со ВМРО – ДПМНЕ донеле само четири урбанистички планови. „Дваесет и седум институции ги прегледаа Деталните урбанистички планови и констатираа дека истите се во согласност со сите законски и процедурални прописи. Претходно засегнатите граѓани беа информирани и анкетирани и дадоа согласност за носењето на овие ДУП-ови, со кои ќе се подобри инфраструктурното, урбанистичкото и целокупното живеење во Општина Карпош“, посочи Горан Михајлов од партијата на Стефчо Јакимовски.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk