Најавената забрана за движење возила на патот до Средно Водно ќе се воведе од наредниот викенд (25 и 26 ноември), информираат од Град Скопје. Во наредните денови треба да се доусогласат техничките прашања околу регулативата. „Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно. Забраната се планира да важи за време на викендите (сабота и недела) и за време на државните празници“ се наведува во соопштението на Град Скопје. Забраната нема да се однесува на градските автобуси, полицијата, брзата помош, противпожарната бригада, возилата на штабовите за итни интервенции и возила со посебни дозволи.
За сите останати граѓани во текот на викендите ќе бидат воведени две нови автобуски линии со број „25а“ и „25б“. Овие линии ќе поаѓаат од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и од паркингот пред Домот на печатот шест пати дневно, во периодот од 9:20 до 14:10 часот. Автобуските линии ќе се полнат со патници од почетните станици и ќе возат без застанување до Средно Водно. На двете предвидени локации, граѓаните ќе можат да ги паркираат своите автомобили пред да се упатат кон Водно. Покрај двете нови линии, за време на викендите вообичаено ќе сообраќаат и досегашните линии „25“ до Средно Водно и „28“ до паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“.
Воведувањето на забрана за движење моторни возила до Средно Водно е дел од заложбите на Градот Скопје за почист воздух и поздрава животна средина, имајќи го предвид здравјето на граѓаните како приоритет.