Граѓаните на Скопје од денеска до 22 ноември ќе имаат можност да поднесат барања за надоместување на дел од трошоците за купување на печки за пелети. Јавниот повик веќе е објавен, а од Градот Скопје информираат дека на граѓаните ќе им се обезбеди поврат на средства во висина од 70% , но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик ќе трае седум календарски денови од денот на објавување. Право на учество ќе имаат граѓаните на сите скопски општини, коишто ќе купат печка на пелети од денот на објавување на огласот до денот на завршување на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.
Барањето за субвенции треба да се достави до архивата на Град Скопје. Овој проект се спроведува втора година по ред, при што неговата основна цел е да се стимулира користењето обновливи извори на енергија кои минимално го загадуваат воздухот и почвата.