Претходна статија
Втора фаза од проширувањето на булеварот „Партизански одреди“
Следна статија
„Гранит“ ќе ја гради пешачко - велосипедската патека на езерото Козјак

Од 1 јануари ќе поскапат билетите за возење со ЈСП-Скопје

Објавено на 17.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поскапува користењето на услугите на јавниот градски превоз во Скопје. Најпопуларните билети за едно возење ќе имаат зголемена цена од 1 јануари 2016 година, додека билетите за 10 возења ќе ја имаат идентичната цена со електронските картички, но ќе важат само 15 дена. Купувањето на билет во автобус на ЈСП-Скопје по Нова година ќе чини дури 60 денари. Од 30 на 35 денари е зголемена цената на оној билет што е дополнет на електричната картичка вон автобусите. Ако граѓаните сакаат да платат билет со мобилен телефон, тогаш тоа ќе ги чини 40 денари. Ноќниот билет платен со електронска картичка и понатаму ќе чини 40 денари, но за оној платен со мобилен телефон ќе мора да се одвојат 50 денари.

 

Наместо да се намали цената на билетите, со воведувањето на електронските картички ќе поскапи јавниот превоз во главниот град. Од ЈСП во наредниот период ќе го стимулираат користењето на месечните и на годишните билети кај граѓаните, кои имаат пониски цени од постоечките. Месечен билет во првата зона ќе ја има цената од 1.400 денари, додека за двете зони тој ќе чини 1.600 денари. Годишниот колективен билет за вработени од 1 јануари ќе може да се купи за 15.400 денари. Со воведувањето на електронскиот систем, на граѓаните им се овозможува да користат нови опции за плаќање на услугите.

 

Како билети за повеќе возења, на скопјани им се нудат дневните и седумдневните билети. Дневен билет за повеќе возења во градска зона ќе чини 120 денари, додека користењето на приградските автобуси во текот на цел ден ќе се плаќа 150 денари. Нова можност за граѓаните е употребата на повеќе автобуси во текот на 90 минути. Еден ваков билет ќе чини 60 денари ако се користи електронска картичка, додека со мобилен телефон истиот ќе има цена од 70 денари.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk