Градот Скопје ја заврши реконструкцијата на улицата Самоилова, проект кој ја чинеше градската каса 35 милиони денари. Обновена е делница долга 1.300 метри, од почетокот на калдрмата под тврдината Кале до зградата на Американската амбасада. За да се задржи автентичноста на амбиентот, калдрмата беше прередена во должина од околу 200 метри. На останатиот дел од улицата беше обновен тампонскиот слој и беше нанесен нов асфалт на површина од 9.000 метри квадратни. Во рамки на проектот беа нивелирани 45 шахти и повеќе сливници. Реализацијата на зафатот започна пред четири месеци, а како изведувач беше ангажирана градежната фирма „Бауер БГ“.