Иако започнат во 1987 година, објектот „Југобанка“ во центарот на Скопје [»мапа] никако да се заврши. Министерството за финансии ја презеде задачата за довршување на градежните активности, со цел во него да се смести неговата администрација. Сепак, и покрај ветувањата дека зградата со површина од 14.000 метри квадратни ќе биде ставена во функција во првиот квартал од 2012 година, во моментов ситуација на терен покажува дека роковите се пробиени, а завршницата сеуште не е ниту на повидок. Допрва треба да се изведуваат клучните фази на реализација на објектот во неокласицистички стил, за кој проектот го изработи „Македонијапроект“, додека како изведувач беше ангажирана словенечката компанија „Енергоплан“.
Во меѓувреме, надлежното министерство на 24 септември склучило нов договор со „Неимар инженеринг“ од Скопје за „изработка на проектна документација за градење на објектот на Министерството за финансии и проектантски надзор“. Засега останува нејасно зошто на раководителите од министерството не им одговара првичниот проект. Од новоизбраната компанија се очекува да изработи основен проект, проект за изведена состојба, проект за употреба и одржување, да обезбеди стручни консултации при подготовка на тендерската документација и спроведување на постапката за изградба на објектот, како и да го врши проектантскиот надзор за време на неговата реализација. За извршување на овие услуги ќе се исплатат 9.252.165 денари, односно околу 150.000 евра, а времетраењето на договорот изнесува 18 месеци.
„Неимар инженеринг“ досега учествуваше во изработката на проектите за неколку објекти од „Скопје 2014“, меѓу кои „Порта Македонија“, административниот објект на Агенцијата за електронски комуникации, објектот спроти хотелот „Бристол“ во кој ќе се сместат неколку државни комисии и агенции, како и идното седиште на Факултетот за драмски уметности покрај реката Вардар.