Сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“ во Регистарот на културно наследство на Македонија ќе бидат избришани од него. Оваа информација денеска ја обелодени министерот за култура Роберт Алаѓозовски, којшто одржа прес – конференција на оваа тема. Тој најави ревизија на работењето на претходната власт во сегментот на заштитата на културното наследство. Имено, Музејот на ВМРО, Триумфалната порта и Спомен куќата на Мајка Тереза се впишани во Регистарот на културно наследство на 5 и 6 август 2013 година, иако беа изградени само неколку години пред овие датуми.
*Никола Груевски држи говор на отворањето на Триумфалната порта; Фото: Архива на „Билд“.
„Во 2018-та ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство“ изјави министерот Алаѓозовски. Воедно, тој најави и нова стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство.
Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ најпрво се одлучи да ги избрише како македонско културно наследство дури 130 објекти од централното градско подрачје со едно решение изготвено во март 2012 година. Откако успеа во оваа намера, тогашното владејачко раководство се насочи кон менување на надворешниот изглед на објектите од централното градско подрачје, по што во 2013 година следуваше и впишувањето на трите спорни објекти од проектот „Скопје 2014“ во Регистарот на културно наследство.