Претходна статија
Почна изградбата на пешачки натпатник меѓу Хиподром и Инџиково
Следна статија
Владата ќе се советува за изградба на голф терени

Објекти на улица „Македонија“ ќе преминат во „барок“

Објавено на 20.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје денеска го објави тендерот за избор на градежна компанија што ќе ја изведува реконструкцијата на фасадата на објектот на улица „Македонија“, број 25. Како и за останатите објекти, зафатот ќе се реализира единствено на онаа страна што гледа кон главната пешачка улица, и тоа во еден од архитектонските стилови на проектот „Скопје 2014“. Од градскиот буџет за оваа намена е проценето дека ќе се потрошат финансиски средства во висина од 44.312.852 денари или околу 720.000 евра, без вклучен ДДВ. Понудите од фирмите што сакаат да бидат избрани како изведувач на градежните работи треба да се достават најдоцна до 15 април.

 

 

 

Најавената „барокизација“ на овој објект лоциран на улица „Македонија“ ќе се спроведе врз основа на изготвеното идејно решение од авторите Жарко Чаушевски и Звонко Ставревски. Тие ги изготвија архитектонските трудови за реконструкција на надворешниот изглед на 15 објекти во текот на октомври 2012 година. Во 2013 година беа изработени и основните проекти од страна на проектантските бироа „Проинг Љубе“ од Скопје и „Архитектоника“ од Скопје.

 

Улица „Македонија“ е главната пешачка зона во македонската метропола, која за прв пат била изградена како своевиден транзитен коридор низ центарот на градот кон Старата скопска чаршија, кој во подоцнежниот период бил испочитуван и со изведба на некогашната железничка станица. Долж просторот за движење на пешаци се наоѓаат зданија од различни архитектонски стилови, подигнати од почетокот на дваесеттиот век до денешен ден.

 

 

Бојан Блажевски