Претходна статија
Потпишан договорот за реконструкција на плоштадот во Штип
Следна статија
ТЕМА: Патничкиот железнички сообраќај во статус - кво состојба

Објавени конкурси за објектите спроти хотел „Бристол“

Објавено на 17.11.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Владата и ЕЛЕМ ќе градат на двете маркички на улицата Македонија спроти хотелот „Бристол“, чие вцртување во деталниот урбанистички план предизвика жестоки реакции од јавноста. Денес беа објавени конкурси за идејни архитектонски решенија за обете идни десеткатници. ЕЛЕМ инсистира на зграда проектирана во стил на класицизмот, додека Службата за општи и заеднички работи на Владата, за објектот во кој ќе бидат сместени седум државни институции, бара „примена на современ архитектонски израз со употреба на современи материјали“, како и „архитектура во склад со постоечките и објектите во градба во непосредното опкружување“. Седумте институции кои ќе бидат сместени во владиниот објект се: Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, М-НАВ, АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката, и Фондот за осигурување на депозити.

 

Истовремено и Министерството за транспорт и врски објави конкурс за идејно решение за фасадното обликување на катната гаража која треба да никне во непосредна близина, на просторот на сегашниот паркинг пред „Автомакедонија“. Министерството планира да додели прва награда во висина од 400.000 денари, втора награда во висина од 300.000 денари и трета награда во висина од 100.000 денари, како и да откупи најмногу четири трудови во висина од по 30.000 денари. Службата за општи и заеднички работи на Владата нуди 550.000 денари за првонаградениот труд и два откупи (од 450.000 и 300.000 денари). Во огласот на ЕЛЕМ е наведено дека нема да бидат доделени награди.