Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска го објави тендерот за избор на компании што ќе извршат набавка и инсталација на опрема од електропреносната мрежа на МЕПСО. Со распишаниот тендер ќе се набават автоматски прекинувачи и ќе се заменат инструмент трансформатори и прекинувачи на 110 – киловолтни далноводи. Воедно, со тендерската постапка е предвидено да се купи секундарна опрема, заштитна опрема, контролна опрема и опрема за мерење.
Целокупната тендерска постапка ќе се реализира преку порталот за спроведување на тендери на ЕБОР. Краен рок за доставување на понудите од заинтересираните фирми е 23 јули. Набавката и инсталирањето на неопходната опрема за рехабилитација на македонската електропреносна мрежа треба да започне на 10 септември годинава и да заврши во рок од 18 месеци. Финансиските средства за овој зафат се обезбедени преку подигнатиот кредит од ЕБОР, но и од сопствени средства на државната компанија МЕПСО.
Генералниот ремонт на македонската електропреносна мрежа започна во текот на оваа година, со неколкугодишен рок на завршување на проектот. Од ЕБОР е подигнат заем во висина од 40,5 милиони евра за планираниот ремонт, а дополнителни средства се издвоени и од македонска страна. Три тендери за рехабилитација на 110 – киловолтни далноводи веќе се објавија во февруари годинава.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk