Во Министерството за финансии денеска беа потпишани спогодба и договор за обезбедување средства за изградба на втората фаза од ветропаркот „Богданци“. Од германската „КфВ“ банка е подигнат поволен заем во висина од 18 милиони евра, додека Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ќе обезбеди дополнителни 3 милиони евра за реализација на овој проект. Втората фаза од проектот предвидува поставување на 6 турбини во ветерниот парк „Богданци“, со вкупна инсталирана моќност од 13,8 MW. Дооформувањето на овој енергетски капацитет ќе обезбеди дополнително годишно производство на 37 GWh природно одржлива енергија од ветерот.
Со втората фаза во целост ќе се заокружи проектот за изградба на ветропаркот „Богданци“, кој има проектирана инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh електрична енергија. Новите турбини во ветерниот парк ќе произведуваат електрична енергија што ќе биде доволна за околу 6.000 домаќинства, при што Македонија ќе го зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија за околу 3%. Со тоа ќе се обезбедат заштеди на емисија на CO2 во воздухот од 35.000 t/годишно.
ЕЛЕМ ја заврши изградбата на првата фаза од ветерниот парк „Богданци“ во 2014 година, а лани овој енергетски капацитет произвел 109.458 МWh електрична енергија.