Во скопската населба Тафталиџе ќе мора да се гради нова подземна инфраструктура за да се задоволат потребите на зголемениот број жители во десетиците нови станбени згради. Градот Скопје денеска објави два тендера за изведба на водоводна, атмосферска и фекална канализација за улиците „Лондонска“ и „Московска“ на потегот помеѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Проценетата вредност на двата тендера е над 41 милион денари, при што финансиите за овие градежни активности ќе треба да се обезбедат од градскиот буџет.
Според податоците објавени од Бирото за јавни набавки, заинтересираните компании за учество во тендерската постапка ќе имаат рок до 31 октомври, односно до 1 ноември, за да ги достават своите понуди. Овие два тендера не се единствените проекти во кои пари од граѓаните се слеваат во инвестиции за приватни објекти. Долги години наназад во централните скопски општини, особено во Центар, Аеродром и Карпош, инвеститорите градат станбени објекти, по што од локалните буџети се финансира изградбата на неопходните паркиралишта за новите згради или се асфалтираат раскопаните улици и тротоари оставени од инвеститорите.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk