Новиот забавен парк во Скопје се гради во стилот на владиниот проект „Скопје 2014“. Наместо победничкото футуристичко решение што ја разигрува детската имагинација, во Градскиот парк ќе се подигнат влезна порта со антички столбови и селска куќа што плови во езерце. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска изврши увид во градежните работи за изградба на новиот забавен парк, но и за прв пат ги објави визуелизациите од проектот.
„Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени околу 101 милион денари. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци“ изјави градоначалникот Трајановски.
Првиот човек на Град Скопје денеска не кажа ниту збор за тоа како настанал актуелниот проект за Луна паркот кој е во спротивност со победничкиот конкурсен труд. Пред речиси две години, жирито на архитектонскиот Конкурс ја додели првата награда на решението што го изработија авторите Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев. Како вистинска реткост на нашите простори, овие архитекти се потрудија во септември 2015 година да објават статија, со која во детали ги образложија главните постулати на кои се темели нивниот архитектонски труд.
„Всушност, футуристичкиот поглед прераскажан во минатото е базата од која новото решение е добиено при процесот на размислување. Во овој проект, главен симбол врз кој се темели неговата изработка е месечината. Сета нејзина симболика и фигура како космички објект е обликовно употребена“ се наведува во образложението на авторите – победници. Во куси црти, градоначалникот Трајановски денеска најави дека во првата фаза од реализацијата на Луна паркот ќе се постават еден адреналински, два полуадреналински реквизити, еден воз на шини и три детски реквизити.
Во рамките на целиот проект за изградба на новиот забавен парк во Скопје ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои три адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во забавниот парк ќе бидат изведени нови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.
Со своја реакција за денешната промоција на проектот се јавија и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. „Досега се потрошени илјадници евра пари на граѓаните за студии и елаборати за нов луна парк што Трајановски со години го ветуваше и до денес го нема. Неодговорно е пред крајот на мандатот, Трајановски да најавува дека ќе потроши нови 6,5 милиони евра“ велат од СДСМ.
» Форумска дискусија за овој проект