Градежната оператива на „Бетон“ од Скопје во изминатиов период забрзано го гради новиот пешачки мост кај Стариот театар. Есенскиот период беше искористен за поставување на проѕирниот под, а во моментов работниците се подготвуваат за поставување на сајлите од идниот висечки мост. Стаклената ограда на мостот треба допрва да се изведува, а за довршување на овој инфраструктурен објект од градскиот буџет се издвоени 3,1 милиони евра. Оваа сума е значително помала од првичните 7 милиони евра што требаше да се издвојат за поставување на Панорамското тркало.
Довршувањето на започнатиот проект треба да обезбеди и отстранување на веќе изведените држачи за Панорамското тркало, кои се лоцирани во самото корито на реката Вардар. Воедно, изведбата на висечкиот пешачки мост ќе обезбеди конечно ослободување на речното корито од расфрланиот градежен шут, но и повторно отворање на Кејот за движење на пешаците и велосипедистите. Од Градот Скопје деновиве не беа расположени да дадат информација за тоа кога би можело да го очекуваме пуштањето во употреба на овој мост.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk