Претходна статија
Наскоро нов конкурс за идејно решение за Универзитетскиот клинички центар во Бардовци
Следна статија
Градскиот парк во Скопје со ново зеленило

Новиот пат до Сончев град и Сопиште ќе биде пуштен во употреба до крајот на јуни

Објавено на 29.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По цели пет години од почетокот на градежните работи, новата патна врска од центарот на Скопје до Сопиште и населбата Сончев град ќе биде пуштена во употреба до крајот на јуни годинава. Ваквата информација ја даде министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Тој не говореше за евентуалните проблеми што настанале при изведбата на овој патен правец, ниту пак ги нагласи причините поради коишто хронично се доцни со изведбата на овој патен правец од само 4,4 километри. Новиот пат започнува од населбата Водно и завршува со спојување на постоечкиот пат Кисела Вода – Сопиште – Говрлево.

 

*Од почетокот на градежните работи на терен во 2013 година; Фото: Архива на „Билд“.

 

Изградбата на регионалниот пат Р2138 низ источните падини на планината Водно започна во јули 2013 година. Тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе го реализира проектот во рок од 18 месеци. Во меѓувреме, првично планираните средства од 6,7 милиони евра почнаа да растат со дополнителни непредвидени трошоци. Изведувачот на работите – фирмата „Гранит“ од Скопје во октомври 2015 година доби дополнителни 865.000 евра за довршување на патниот правец од 4,4 километри.

 

Во текот на изградбата на новиот пат се појавило свлечиште на самата траса, поради што било неопходно да се санира нестабилната раседна маса на самиот рид. Изведувачот на работите тогаш доби нов рок од 27 месеци за да ги заврши севкупните градежни работи, но и дополнителниот период за изведба на работите веќе е пробиен. Од тие причини, жителите на Сопиште до денешен ден не можат да ја користат побрзата варијанта за патување меѓу нивното населено место и центарот на Скопје.