Претходна статија
Прва фаза од изградбата на експресниот пат Градско - Прилеп
Следна статија
ТЕМА: Владиниот „Купи куќа, купи стан“ со минорен удел во доделените станбени кредити

Новиот кинески воз – нов предмет на конфронтација помеѓу политичките партии

Објавено на 30.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска обвини дека новиот кинески воз што пристигна пред неколку месеци не може да сообраќа по македонските пруги поради дотраеност на шините. „Новиот воз, според информациите што ги имаме, има проблем да се движи по железничките пруги што се во катастрофална состојба. Возот не може да се движи поради потресите и вибрациите од дотрајаната инфраструктура. На ова предупредивме кога Груевски влезе да се слика во возот ветувајќи чуда. За цела деценија мандат Никола Груевски не изгради ниту еден километар нова пруга, а потроши милиони евра пари на граѓаните за споменици“ посочи Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

 

 

 

Од Македонски железници – Транспорт излегоа со соопштение во кое ги негираат тврдењата на опозициската партија. Тие тврдат дека не се точни информациите дека новиот воз не може да ги поднесе вибрациите. „Причината зошто новиот воз се уште не е во редовен сообраќај е тоа што по завршените успешни тестирања од страна на Европско нотифицирано тело следува издавање на сертификат, кој се очекува да биде издаден наскоро“, се наведува во соопштението од МЖ – Транспорт.

 

И од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираа на тврдењата од опозицискиот СДСМ. Тие тврдат дека првиот од новите возови е по европски стандарди, како и пругата и ќе започне да сообраќа многу скоро кога ќе се завршат сите редовни процедури, како што е завршеното успешно тестирање од страна на европско нотифицирано тело.

 

И додека тема на денешното полемизирање е првиот електро моторен воз што пристигна од земјава, засега никој не дава одговор кога ќе пристигнат останатите пет моторни гарнитури од Кина. Владините претставници во изминативе месеци во неколку наврати го менуваа крајниот рок за пристигнување на новите возови, секој пат одложувајќи го датумот. За време на потпишувањето на договорот во јуни 2014 година, вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најавија дека првиот воз ќе пристигне во јули 2015 година, додека секоја наредна гарнитура би пристигнувала по еден месец потоа.

 

Последниот зададен рок изминатава есен беше дека сите шест возови ќе пристигнат најдоцна до првиот квартал од годинава, но до денешен ден е пристигната само една моторна гарнитура. Кинеските возови се купени со кредит од Европската банка за обнова и развој, тежок 50 милиони евра .