Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денес и вчера пред членките на Сојузот на стопански комори на Македонија и претставници на Градежната комора ги презентираше предложените измени и дополнувања на Законот за градење и на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со измените се дефинираат две категории на градби наместо постоечките пет, односно прва категорија градби (кои се од значење за државата) и втора категорија градби (од локално значење), во која ќе спаѓаат досегашните трета, четврта и петта категорија на градби. Се укинува и одобрението за градба за потпорни ѕидови или помошни градби кои се во функција на објектот и се градат на иста урбанистичка парцела, како на пример гаражи, остави, септички јами и слично.
Друга новина е тоа што за градбите за индивидуално домување со површина до 200 метри квадратни нема да биде задолжителна ревизија на основниот проект и нема да има задолжителен надзор на градбата. Овие градби ќе се ставаат во употреба со изјава од изведувачот заверена на нотар. Со законските измени се прецизира за кои видови на градби е потребно да се прават посебни елаборати за влијание врз животната средина и заштита од пожар и за кои објекти согласност даваат министерствата за внатрешни работи и за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување и Дирекцијата за заштино конзерваторски услови.
Исто така се предвидува воведување на правилото „молчењето е одобрение“ во случаите кога нема да биде запазен законскиот рок за издавање на одобрение за градење. Од јуни 2012 година се очекува одобрениата за градење да се издаваат по електронски пат.