Претходна статија
Сенатот на УКИМ да одлучува за двете „барокни“ згради
Следна статија
Привршува изградбата на гасоводот Клечовце - Штип, СДСМ реагира

Нови студентски домови и универзитет ќе се градат во Скопје

Објавено на 20.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека ќе основа нов универзитет „Мајка Тереза“ и ќе гради нови студентски домови во Скопје. Комплексот на идниот универзитет е предвидено да се лоцира во скопската касарна „Илинден“, во која се создадени услови за користење на земјиште со површина од 95 хектари од проектот „Старите касарни за нов развој“. За касарната пред неколку месеци беше најавено дека ќе биде искористена и за изградба на образовни установи на Државниот универзитет од Тетово на парцела од 25.000 метри квадратни. За новиот универзитет „Мајка Тереза“, Министерството за образование и наука треба допрва да објави тендер за изработка на проект за главниот објект.

 

 

 

Новиот универзитет во Скопје треба да се состои од пет факултети, и тоа факултет за градежништво и архитектура, факултет за технички науки и технолошки науки, факултет за информатички науки и факултет за социјални науки. На оваа високообразовна институција ќе може да се следи настава на 14 студиски програми на прв и втор циклус на студии, кои ќе треба да профункционираат во текот на следната академска година. „Денеска донесовме одлука да се отвори уште еден универзитет во Скопје кој ќе се вика „Мајка Тереза“. Истиот ќе биде на три јазици, македонски, албански и на англиски јазик и ќе има сериозна интернационална димензија бидејќи ќе има и професори и студенти и Македонци и Албанци но и странци“, изјави премиерот Груевски.

 

Истовремено, премиерот Никола Груевски најави дека ќе се гради нов студентски дом од 1.200 метри квадратни на местото на руинираните бараки на домот „Невена Георгиева – Дуња“ („Медицинар“). По 15 јануари 2016 година ќе се публикува тендер за изградба на објект со четири ката и со планиран капацитет од 350 до 400 студенти. Владата донела одлука и за изградба на два други студентски дома во Скопје и Тетово. Воедно, премиерот Груевски потсети дека во завршна фаза е тендерот за избор на компанија што ќе го реновира блокот А од студентскиот дом „Гоце Делчев“.