Министерството за образование и наука денеска го распиша огласот за изградба и довршување на три спортски сали во основните училишта во земјава. По успешната реализација на фискултурната сала во училиштето „Гоце Делчев“, Општина Центар ќе добие нова сала за одржување на спортските активности и во рамки на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ кај Народно – универзитетската библиотека. Предвиденото здание со површина од 600 метри квадратни нестрпливо го очекуваат неколку генерации на ученици од ова училиште, кое нема своја спортска сала и покрај тоа што се наоѓа во строгиот центар на Скопје.
Со објавениот тендер од надлежното министерство е планирано да се довршат фискултурните сали и во основните училишта во тетовското село Шемшево и во струшкото село Дрслајца. Од државниот буџет за оваа намена се предвидени финансиски средства во висина од 50 милиони денари, односно над 800.000 евра без вклучен ДДВ. Заинтересираните градежни компании за учество на распишаниот оглас треба да ги достават своите понуди најдоцна до 30 ноември.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk