Уште еден коњанички споменик денеска беше поставен во главниот град, овој пат кај „Чешма“ во населбата Кисела Вода, на местото каде што се спојуваат улиците „Првомајска“ и „Иван Козаров“. Официјално именуван „Македонски војвода на коњ“, споменикот на Тодор Александров е висок 5 метри, изработен е од бронза и поставен е на постамент висок 3,5 метри. Хонорарот за авторот Миле Брцески и леењето во српската леарница „Јеремиќ“ чинеа околу 345 илјади евра, додека постаментот кој го изведе фирмата „Нела-ар“ и уредувањето на околниот простор ја чини Општина Кисела Вода 73 илјади евра.
Денеска се поставуваа и споменичните скулптури од спомен обележјето на основачите на ВМРО во паркот „Жена Борец“, како и споменикот на револуционерот Димитар Поп-Георгиев Беровски на Плоштадот Македонија. Цената на обележјето на основачите на ВМРО беше најавено дека ќе биде вкупно околу 1,2 милиони евра, додека за изработка на Димитар Беровски во хрватската леарница „Ујевиќ“, беа издвоени 67 илјади евра, сума во која не е врачунат хонорарот на авторот Гоце Наневски.
Споменик „Македонски војвода на коњ“
Споменик на основачите на ВМРО
Споменик на Димитар Поп-Георгиев Беровски