Изградбата на двата „барокни“ објекти во паркот на комплексот факултети на УКИМ повторно ја отвори темата за натамошно проширување на владиниот проект „Скопје 2014“ во главниот град. Студентскиот пленум деновиве реагираше дека ќе се бори против новите „барокни“ градби на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Од друга страна, студентските парламенти на овие два факултета ја поддржаа иницијативата за изградба на новите објекти, со кои ќе се реши постоечкиот проблем со недостиг од простории за изведување на наставата и со супстандардните услови за следење на наставата.
Бројни информации говорат во прилог на тезата дека власта сака намерно да гради токму на оваа локација иако постојат посоодветни, и укажуваат дека е непотребно трошењето на околу 20 милиони евра за изградба на овие објекти. Имено, Министерството за образование и наука ја отпочнало постапката за изградба на нов објект на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје уште во 2012 година, но истата ја прекинало без никаква причина. Според идејата од пред три години, новата зграда на овој факултет требало да се гради на местото на постоечките бараки, за која е оформена парцела од 18.437 метри квадратни на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје [»мапа].
* Сеча на дрвјата во паркот кај УКИМ (извор на фотографии: Студентски пленум)
Според актуелниот ДУП Геолошки завод на општина Центар, на локацијата на која се наоѓаат постоечките бараки на факултетот може да се издигне објект од приземје и четири ката, со бруто развиена површина од 48.738 метри квадратни. Со тоа, на оваа локација би можело да се смести не само Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, туку во рамките на овој објект би можеле да се лоцираат и просториите на ФИНКИ. Дополнително, надлежното министерство за оваа локација потпишало договор за изработка на основен проект со сите фази за изградба на новата зграда со скопската фирма „Идеја плус Татјана ДООЕЛ“. Пред три години, од државниот буџет за оваа намена биле одвоени 1.769.174 денари, со што останува нејасно од кои причини уште тогаш не е пристапено кон изградба на факултетската зграда.
За разлика од предложените две зданија во „барокен“ архитектонски стил во кампусот на УКИМ, планираната зграда лоцирана во подножјето на Водно ќе можела да се искористи до 20% од површината и за други компатибилни класи на намена, како што е групно домување, мали комерцијални и деловни намени, деловен простор, култура, спорт и рекреација. Останува нејасно зошто овој проект не е реализиран, ако се земе во предвид дека градежното земјиште на оваа локација се наоѓа во државна сопственост.
Идентично како и во случајот со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, ФИНКИ би можел да добие современи простории за работа во скопската населба Карпош 2, ако се урнат постоечките бараки во кои настава слушаат студентите од овој факултет, заедно со оние од Факултетот за драмски уметности. Колку за потсетување, во наредните месеци актерите треба да се преселат во новата факултетска зграда лоцирана кај плоштадот „Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје.
Кон крајот на февруари годинава, Општина Карпош донела нов ДУП за Градска четврт 3 08, во која јасно е вметната нова зграда за образовни намени на местото на постоечките бараки во населбата Карпош 2. Во ДУП-от е вметнат објект со приземје и шест ката, со предвидени простории на површина од 21.000 метри квадратни наменети за изведување на настава. Нејасно е зошто надлежното министерство не ја побарало оваа локација за изградба на новиот објект на ФИНКИ, ниту пак зошто деканската управа не се заинтересила за ова градежно земјиште.
И покрај сите овие можни опции за издигнување на двата нови објекти за скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Министерството за образование и наука ја одбрало локацијата спроти трговскиот центар „Мавровка“. Покрај студентите од Студентски пленум, на владиниот „барок“ уште во текот на изборот на победничките идејни решенија за факултетските згради се спротивстави и архитектонската јавност во земјава. Имено, дел од авторите што учествуваа на архитектонскиот Конкурс посочија дека никаде во барањата на надлежното министерство не било посочено дека „барокниот“ стил е услов за учество на конкурсот.
Најавената „барокизација“ на кампусот на УКИМ го отвора прашањето за тоа зошто архитектонски и урбанистички се интервенира од власта на онаа локација каде што се сместени факултетите од општествените науки, кои изминативе години најмногу реагираа на контроверзните проекти од владеењето на сегашните владејачки партии. Истовремено, од ниту еден субјект досега не се слушна предлог за тоа како ќе се надомести загубата на постоечкото зеленило во универзитетскиот кампус. Десетиците дрвја и тревната површина претставуваат простор за рекреација на студентите, но и на локалните жители од околните маала. Токму во овој дел на Скопје, во населбите кои гравитираат околу кампусот на УКИМ и Бит-пазар, постоечкиот парк претставува единствената зелена површина што им стои на располагање на граѓаните.
Јавно – приватното партнерство е непознат поим за Министерството за образование и наука?
Атрактивните парцели на кои се наоѓаат постоечките бараки на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, наука и спорт се идеална можност за развој на јавно – приватно партнерство, со која ќе се заштедат планираните 20 милиони евра за изградба на „барок“ во кампусот на УКИМ. Неизграденото земјиште, со кое во моментов управуваат Министерството за транспорт и врски и Општина Карпош, би можело да им се даде на деканските управи на двата факултети. Во понатамошната фаза, тие можат да пронајдат приватни инвеститори, кои бесплатно би им ги изградиле просториите за настава, во замена за дел од новите згради.
Колку за споредба, на стотина метри од бараките на ФИНКИ се наоѓа Драмскиот театар, каде Министерството за култура планира со приватен партнер да гради ново театарско здание. На помалку од километар од Факултетот за физичко образование, ова исто министерство на местото на постоечкиот Театар Комедија планира да гради нова театарска зграда по пат на јавно – приватно партнерство. Останува нејасно, зошто едно министерство во владата може да ја разгледува оваа опција, додека друго министерство од истата влада не ја согледало истата.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk