Претходна статија
Напролет реконструкција на улицата „Димитрија Чуповски“
Следна статија
ТЕМА: Скопскиот аеродром лани со најголем процентуален раст на авиосообраќајот на Балканот

Нови автобуси за ЈСП-Скопје најдоцна за една година

Објавено на 28.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје денеска потпиша договор за набавка на нови еколошки автобуси на гас за потребите на ЈСП – Скопје. Со обезбедениот кредит во висина од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), македонскиот главен град се очекува да добие од 30 до 40 еко автобуси. За реализација на овој проект ќе се обезбедат дополнителни 1,8 милиони евра од буџетот на ЈСП – Скопје, а подигнат е и неповратен грант во износ од 1,1 милиони евра. Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави дека поголемиот дел од новите автобуси ќе бидат нископодни дводелни возила, кои ќе имаат поголем капацитет на патници и ќе овозможат побрзо движење до крајната дестинација на граѓаните.

 

 

„Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со CNG технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП“, изјави Шилегов. Тој додаде дека одлуката за набавка на автобуси на гас следела по минатогодишното тестирање на 3 модели на автобуси низ скопските улици, кои покажале дека токму ваквите превозни средства се еколошки, економски и енергетски ефикасни најисплатливи.

 

Производителот на новите автобуси за ЈСП – Скопје ќе се знае по спроведувањето на меѓународен тендер, којшто допрва треба да се објави. По изборот на најповолен понудувач за планираната набавка, неопходно е да следува и неколкумесечен период за изработка на идните автобуси на природен гас.