Претходна статија
20 милиони евра за пречистителна станица за отпадни води во Прилеп
Следна статија
Хрватски „Мали Лошињ“ гради фабрика за флаширана вода во Гари

Нови 400 илјади евра за довршување на комплексот „Македонско село“

Објавено на 29.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#За дополнителни непредвидени работи за реализација на проектот „Македонско село“ [»мапа] од државниот буџет ќе се одвојат нови 24.998.891 денари или над 400 илјади евра. Министерството за економија склучи уште еден договор со тетовската градежна компанија „АК Инвест“, која се јавува како изведувач на комплексот во селото Нерези уште од самиот почеток на неговата изградба. Постапката е спроведена без претходно објавување оглас, бидејќи дополнителните услуги не можат да бидат технички или економски одделени од веќе склучениот основен договор. Во публикуваното образложение на веб-страницата на Бирото за јавни набавки се вели дека дополнителните работи не се вклучени во основниот договор, а поради непредвидени околности се нужни за комплетирањето на проектот „Македонско село“.

 

Досегашната сума што се издвои за изградба на традиционалните куќи од сите македонски региони се искачи на речиси 320 милиони денари, односно околу 5,2 милиони евра. Во мај годинава беше склучен договор со скопската компанија „Бауер БГ“, во висина од 1,3 милиони евра, за ентериерно уредување. Министерството за економија пред еден и пол месец распиша оглас за избор на концесионер за менаџирање и стопанисување со комплексот „Македонско село“, во чии рамки би се вршела хотелиерска, угостителска, туристичка и занаетчиска дејност, продажба на сувенири и производство на традиционална храна. Од надлежното министерство засега не се објавени заинтересираните компании што доставиле план и концепт за управување на овој проект.

 

Во јануари 2014 година треба официјално да биде предаден во употреба туристичкиот комплекс во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“. Изградбата на објектите е речиси целосно завршена, а посетителите на ова место ќе можат да се запознаат со македонската архитектура и традиционалните куќи од велешко, прилепско, битолско, струшко, кратовско, делчевско, беровско, кумановско, тетовско, Река, Галичник и Скопска Црна Гора. Изградбата на „Македонско село“ започна на почетокот од јуни 2011 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект