Службата за општи и заеднички работи на македонската влада пред два месеца склучила договор со компанијата „Бетон“ од Скопје за изведување на дополнителни градежни работи за довршување на новиот објект на Јавното обвинителство и Финансиската полиција, кој што се гради покрај реката Вардар во центарот на Скопје. Се работи за изведбени активности кои не се вклучени во основниот договор, но истите се неопходни за завршување на ова здание од проектот „Скопје 2014“. За нивна реализација, на скопската градежна компанија и се исплатени 23.097.551 денари или над 370 илјади евра. Со тоа, вкупниот износ што македонската влада го издвои за комплетирање на овој проект се искачи на преку 14 милиони евра. Состојбата на терен покажува дека изградбата на овој објект е пред самиот крај.
Административната зграда на Јавното обвинителство и Финансиската полиција започна да се гради во октомври 2010 година. Првичниот рок за завршување на градежните работи изнесуваше 12 месеци, но пуштањето во употреба доцни околу една и пол година. Објектот го следи стилот на останатите градби од владиниот проект „Скопје 2014“, тој има цилиндрична форма и се простира на површина од 9.620 метри квадратни. Како проектант се јавува ДИГПГ „Полар“ ДООЕЛ , а надзорот го извршува Градежен институт „Македонија“ А.Д.