Претходна статија
Во јуни ќе се бараат концесионери за автопатите Скопје - Блаце и Гостивар - Кичево
Следна статија
ТЕМА: Продажба на новите станови веднаш или намалување на градежната активност

Новата зграда на Кривичниот суд проголта уште 790 илјади евра

Објавено на 11.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#За дополнителни градежни активности за довршување на објектот на Кривичниот суд и за ентериерно опремување на просториите на идните судии ќе се потрошат 48.616.356 денари или околу 790 илјади евра. Со двата последни договори склучени од Министерството за правда, вкупната инвестиција во ова здание од центарот на Скопје се искачи на 9.090.000 евра. Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот договор во вредност од 18.981.172 денари е потпишан со градежната компанија „Гранит“ од Скопје и истиот е со времетраење од два месеца, додека вториот за набавка на канцелариски мебел е склучен со фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Оваа зграда веќе неколку месеци се наоѓа во завршна фаза од изведбата, но истата официјално сè уште не е пуштена во употреба.

 

Покрај надминувањето на првично предвидената финансиска конструкција на објектот од 8,3 милиони евра, проблем се јавува и со доцнењето во делот на рокот за нејзино завршување. Иако беше ветено дека ќе се комплетира до крајот на 2011 година, вселувањето доцни повеќе од две години. На денот на поставување на камен – темелникот за ова здание беше најавено дека изведбените работи ќе се комплетираат во рок од 18 месеци. Објектот на Кривичниот суд е лоциран помеѓу новата катна гаража и комплексот судови во главниот град. Има 10 нивоа, со вкупна површина од 8.862 метри квадратни и во него ќе се сместат седум оддели на Кривичниот суд, ќе има 74 судски кабинети, 22 средни судници и две големи судници што ќе можат да примат по 100 и 200 лица.

 

Главен изведувач е „Гранит“ од Скопје, додека надзорот над работите и е доделен на „Геинг Кребс унд Кифер Интернешнл“. Проектната документација за оваа градба ја изработија „IRD Engineering“ и „Евро Консалтинг“.