Претходна статија
Каков објект изградил бизнисменот Владимир Тодоровиќ до СЦ „Борис Трајковски“?
Следна статија
Започна втората фаза од реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ на Водно

Новата филхармонија ќе биде отворена на 21 мај

Објавено на 31.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По осум години минати во градење и потрошени над 37 милиони евра, новиот објект на Македонска филхармонија ќе биде свечено пуштен во употреба на 21 мај. Настанот ќе биде одбележан со ексклузивен концерт на пијанистот Симон Трпчевски под дирегентско водство на еден од најпознатите светски диригенти Владимир Ашкенази. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ на денешната прес-конференција изнесоа детали околу реализацијата на овој проект.

 

 

Новиот објект има површина од 12.400 метри квадратни и се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустички карактеристики по сите светски стандарди. Културното здание располага со две сали, голема сала со капацитет од 1.000 седишта и мала повеќенаменска сала со капацитет од 310 места, од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. Во големата сала се вградени современи сценско-технолошки системи. „Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани“ изјави министерката Канческа-Милевска.

 

 

Зданието содржи кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Министерката Канческа-Милевска информираше дека објектот има атрактивна влезна партија и челична покривна конструкција, која е составена од два дела обединети преку дополнителна просторна решетка со закривена форма и променлива ширина. Ваква покривна конструкција за прв пат е изведена во нашата земја. Директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ посочи дека новиот објект е прекрасно здание направено според сите светски стандарди.

 

Новиот објект на Македонска филхармонија е изграден по идејното решение на архитект Виктор Михајлов. Основниот и изведбениот проект беше изработен од проектантската куќа „Македонија проект“, а изведувачи беа македонската фирма „Гранит“ од „Скопје и австриската фирма „Штрабаг“. Изградбата на овој објект доцни неколку години, а финалната сума за негова изградба значително ја надмина првично предвидената вредност на објектот пласирана во март 2009 година. Ова здание на Македонска филхармонија се изгради на истатата локација на која словенечките архитекти од „Биро 71“ ја предвиделе изградбата на објект со идентична намена, но со различен архитектонски дизајн во склад со зданието на Македонската опера и балет.