Претходна статија
Подземниот катастар за македонските градови е мислена именка
Следна статија
Општина Ѓорче Петров повторно бара партнер за изградба на административна зграда

Новата фасада на МЕПСО е подготвена за изведба, надлежните го кријат изгледот од јавноста

Објавено на 30.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на општина Центар денеска ја усвои програмата за утврдување на фасаден изглед на управната зграда на МЕПСО, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје. Со ваквата одлука исполнети се сите предуслови за започнување на изведбените активности за реализација на новата фасада што го следи стилот на проектот „Скопје 2014“. И покрај тоа што се работи за препознатлив објект во главниот град, раководството на МЕПСО е незаинтересирано да ги објави визуелизациите од новиот надворешен изглед на административната зграда. Идејното решение одамна е избрано, а архитектонското студио „Неимар инженеринг“од Скопје веќе го изработи основниот проект, така што е нејасно зошто не се објавува идниот изглед на ова здание. Државната компанија веќе го распиша и тендерот за избор на градежна фирма што ќе ја изведува реконструкцијата и промената на фасадата, на кој сите заинтересирани субјекти можат да достават понуди најдоцна до 11 март.

 

##

 

 

Единствен документ во кој е образложена причината за промена на постоечката фасада на зградата на МЕПСО е предлог – програмата доставена до општина Центар. Според информациите на телевизија „Алфа“, постоечките бетонски столбови ќе преминат во антички, предвиден е нов изглед на стаклената фасада и целосно стилизирање на покривот од зданието. Во документот доставен до локалната власт е наведено дека со градежниот зафат ќе се добие репрезентативност на зградата, ќе се зголеми енергетската ефикасност и надворешниот изглед на објектот ќе се усогласи со контекстот на останатите барокни и класицистички зданија во строгиот центар на Скопје.