Општина Кичево ја започна изградбата на нова коловозна лента на потпатникот под магистралниот пат Кичево-Гостивар. Кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари на денешната прес-конференција информираше за тековниот проект. „Овој градежен зафат ќе се реализира во две фази. Во првата фаза ќе се изврши дислокација на река Сушица од постоечкото корито, а потоа во сегашното корито ќе биде изградена втората коловозна лента“ рече Дехари. Во наредниот период ќе следува бетонирање на новото речно корито, кое треба да се реализира во рок од два месеца.
До крајот на мај ќе започне и изградбата на втората коловозна лента. Долж целата траса ќе биде поставена нова водоводна цевка со профил Ф-400 милиметри во должина од 350 метри. „На ова место ќе биде изграден уште еден кружен тек, што ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот и поголема сигурност за пешаците од населбите во правец на Раштански пат, каде гравитираат над 2.500 жители“ посочи првиот човек на општина Кичево.