Општина Аеродром ќе вложи 70 милиони денари или преку 1,1 милиони евра од сопствениот буџет за реализација на комплетната инфраструктура во новоизградената населба Реонски центар „Аеродром“. Со овој проект е предвидено да се изведат улици со тротоари во должина од 1,5 километри и околу 1.000 паркинг места, а ќе се обезбеди и дополнителна врска со булеварот „Видое Смилевски – Бато“. Со остварувањето на градежните активности, жителите на овој дел од општината ќе добијат комплетно нова инфраструктура. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески денеска ја посетија локацијата на која започна изведбата на предвидената инфраструктура, која треба да го подобри животот на станарите од околните згради и да го намали постоечкиот сообраќаен метеж во населбата.