Не мирува Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија. Откако минатата година успеа да донира дури пет споменици во центарот на Скопје, ова малку познато здружение ќе му подари на главниот град уште еден споменик, овој пат посветен на македонските бегалци од Граѓанската војна во Грција во 1948 година. Локацијата на која ќе никне спомен обележјето е непозната, исто како и нејзиниот автор и висината на финансиските средства што здружението ќе ги одвои за него. Во корист на оваа идеја, Советот на град Скопје донесе одлука за со која се овозможува поставување на споменикот.
Со измените во Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности, советниците денеска ја прифатија и идејата за изведба на спомен обележје посветено на жртвите од Холокаустот. Истото ќе биде донирано од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој го достави до Градот Скопје ваквиот предлог.