Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Ивица Коневски денеска најави изградба на нова детска градинка во рамките на клонот „Чекорче“. Новиот објект со приземје и кат ќе се состои од девет големи занимални, простор за прием на децата, кујна, санитарни јазли, административен простор и подрумски простории. Вкупната површина на објектот ќе биде 1.700 метри квадратни и ќе може да згрижи над 250 деца.
Првиот човек на Општина Аеродром посочи дека објектот ќе ги задоволи мерките за енергетска ефикасност и дека при изградбата ќе се употребат еколошки прифатливи материјали. Потребните финансии ќе бидат обезбедени од локалниот општински буџет. Општина Аеродром во изминатиов период ја пушти во употреба новата градинка „Сонце“ во Реонскиот центар „Аеродром“, додека во 2017 година планира да започне со изградба на уште еден ваков објект.