Претходна статија
Започна реконструкцијата на мостовите во Прилеп
Следна статија
Отворена е нова детска градинка во општина Аеродром

Нов театар „Центар“ ќе се гради на местото на стариот монтажен објект

Објавено на 07.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

После четиригодишна пауза во реализацијата на проектот за изградба на нова зграда за театарот „Центар“ во Скопје [»мапа], идејата повторно добива позитивен импулс. Министерството за култура склучи договор за изработка на основен проект за планираниот објект Македонски народен театар – Театар Центар со „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје. Пред тимот од стручни лица е зададен период од шест месеци за целосна изработка на предвидената документацијаж. За приготвувањето на основниот проект се одвоени 28.315.162 денари или околу 460 илјади евра од државниот буџет. Според програмата за работа на македонската влада, сладокусците на театарската уметност веќе во 2015 година би требало да можат да уживаат во следењето на претстави во новите простории.

 

 

Официјалните планови на надлежните се овој објект да се гради по пат на јавно – приватно партнерство, при што идниот инвеститор би добил дел од зградата. Деталниот урбанистички план на локацијата на постоечкиот монтажен објект предвидува подигање на здание со максимална висина од 40 метри, кое ќе има вкупна површина од 30.945 метри квадратни. Според ДУП-от 51% од просториите на планираниот објект со приземје и 10 ката се предвидени за културна намена. За задоволување на потребите за паркирање на вработените и на останатите граѓани, зацртана е изградба и на подземен паркинг простор под идната зграда.

 

Идејното решение за новиот објект на театарот „Центар“ е изработено уште во 2009 година. Првата награда на распишаниот конкурс ја добија архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља, заедно со соработниците Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зекири и Бесијан Мехмети. Нивното дело е вреднувано од комисијата како инвентивно решение, со транспарентност на обликување на просторот и пристапност на објектот со атриумско решавање на влезната партија, со особен восклик кон надворешното фасадно обликување. Постоечкиот монтажен објект на Македонскиот народен театар е изграден во 1965 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект