Наместо да служи како премин над река меѓу два дела од Скопје, новиот пешачки мост на реката Вардар кај „Дрводекор“ ќе треба да ја зголеми атрактивноста на центарот на Скопје за туристите. Со вакво образложување во тендерот, Градот Скопје се впушти во изградбата на најавениот четврти по ред пешачки мост од проектот „Скопје 2014“. Според информациите на „Утрински весник“, до Градот Скопје пристигнале само два архитектонски труда на неодамнешниот Конкурс за избор на идејни решенија за мостот што треба да го поврзе „Дрводекор“ со плоштадот „Пресвета Богородица“.
Од Градот Скопје денеска излегоа со информации дека сè уште не е избрано идејното решение што ќе ја добие првата награда од 100.000 денари. „На Конкурсот за пешачки мост на Вардар кај „Пресвета Богородица“ пристигнаа неколку идејни решенија и за истите се води постапка за нивна евалуација. Повеќе детали за идејните решенија ќе може да се презентираат по завршувањето на евалуацијата и произнесувањето на конкурсната комисија“ велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Покрај за зголемување на туристичката атракција на Скопје, од градските власти денес не добивме дополнително образложение зошто треба да се гради нов мост меѓу постоечките „Слобода“ и „Мост на револуцијата“, кои се меѓусебно оддалечени околу 250 метри.
Во рамки на проектот „Скопје 2014“, досега се изградија два моста во централното градско подрачје (мостот „Око“ и Мостот на уметноста), а во моментов се гради Панорамското тркало кое го премостува Вардар кај Музејот на ВМРО. Само за овие три објекти се одвоија средства на граѓаните во износ од над 24 милиони евра, не вклучувајќи го притоа поставувањето на „барокни“ огради на останатите мостови во главниот град.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk