Претходна статија
Ќе се работи на проект за изградба на пешачки мост во кањонот Матка
Следна статија
Застој во изградбата на нови станови во јули

Нов оглас за изградба на шпанските скали на плоштадот „Македонија“

Објавено на 05.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По првиот неуспешен обид, Министерството за транспорт и врски денеска повторно објави оглас за продажба на последната слободна парцела на централниот скопски плоштад „Македонија“. Покрај комерцијално – деловниот објект со приземје и три ката, идниот инвеститор е должен да ги изгради шпанските скали, кои ќе треба да бидат насочени кон споменикот „Воин на коњ“.

 

###

 

 

Градежната парцела со површина од 1.046 метри квадратни се нуди на продажба, по почетна цена од 6.000 денари за метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди, заедно со доказ за уплатениот депозит во износ од 700.000 денари, најдоцна до 8 октомври, додека новиот сопственик на атрактивната локација ќе биде познат на 15 октомври. Пред склучувањето на купопродажниот договор, победничката компанија треба да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 100.000 евра, но и да достави биланс на состојба и биланс на успех на правното лице, со кој ќе докаже дека имала годишен обрт на средства од барем 5 милиони евра во 2012 година.

 

###

 

 

Како и во првиот оглас, најповолниот понудувач ќе треба да го изработи основниот проект за предвидениот објект врз основа на изработеното идејно решение за фасадно обликување од страна на Министерството за транспорт и врски. Пред да почне каква било градба, основниот проект во стилот на останатите зданија од „Скопје 2014“ ќе треба да го одобри посебна Комисија од надлежното министерство. Првичниот обид за продажба на локацијата на скопскиот плоштад се случи на почетокот на јули, но изостана интерес за нејзино купување. Иако пред неколку месеци општина Центар најавуваше бришење на оваа градежна маркичка од урбанистичкиот план „Мал Ринг“, засега останува да важи постоечкиот документ во кој е зацртан објектот со површина од 3.780 метри квадратни.