Претходна статија
Се гради локалниот пат до манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе
Следна статија
Германски „ODW Elektrik“ ќе инвестира во ТИРЗ Струга

Нов обид за барокна зграда за администрацијата на Македонски железници – Инфраструктура

Објавено на 10.04.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако не пронајде заинтересиран приватен партнер во првиот обид, Македонски железници – Инфраструктура денеска објави втор повик за склучување на договор за пренесување на правото на градење на деловен објект на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“) во центарот на Скопје. Условите за учество се идентични како и на првиот оглас, а субјектите што се заинтересирани за овој проект ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 28 април. Приватниот инвеститор пред почетокот на изградбата ќе треба да изработи идејно решение во стил на барокот, класицизмот или неокласицизмот, што ќе треба да биде одобрено од комисија на МЖ – Инфраструктура. Од предвидените простории со површина од 9.003 метри квадратни, јавното претпријатие треба да добие минимум 30% од бруто развиената површина или најмалку 2.701 метри квадратни.

 


* Бараките на чие место треба да се гради „барокниот“ објект

 

 

Покрај деловни простории, приватниот партнер во зданието ќе може да смести и хотел, трговски центар или угостителски локал, и тоа до 40% од неговата целокупна површина. Објектот ќе се гради на парцела со големина од 3.179 метри квадратни, ќе има приземје и шест ката и висина до 25 метри. Покрај трошоците за рушењето на постоечките бараки, инвеститорот за времетраењето на изградбата ќе треба да обезбеди деловен простор со површина од 500 метри квадратни во општина Центар за потребите на МЖ – Инфраструктура. Истовремено, тој треба да достави банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 50.000 евра и банкарска гаранција за изградба на објектот во износ од 100.000 евра.

 

Покрај на парцелата во сопственост на МЖ – Инфраструктура, проектот „Скопје 2014“ ќе се прошири и на улицата „Јордан Мијалков“ со изградбата на уште една административна зграда на местото на „Геолошки завод“.