Министерството за транспорт и врски објави нов оглас за лицитација на парцела непосредно до спортската сала МЗТ во Скопје, каде е предвидено да никне хотел. Предметнaта градежна парцела е зацртана со Деталниот урбанистички план „Јане Сандански – урбана единица Г“ и е со површина од 11.972 метри квадратни и коефициент на искористеност со вредност 2,39. Објектот ќе смее да има приземје и пет ката и висина од нивото на заштитниот тротоар до венец од 20 метри. Максималната површина за градење е 4.820 метри квадратни, додека максималната бруто развиена површина изнесува 28.920 метри квадратни. Пријави за учество можат да се доставуваат најдоцна до 28.06.2010, а јавното наддавање ќе се оддржи на 06.07.2010. Почетната цена за метар квадратен е утврдена на 6.000 денари. Ова земјиште по иста цена беше понудено и на почетокот на април, заедно со уште една помала парцела во близина, исто така наменета за хотел. Другата парцела ја купи „Стоун Бриџ Хотел“ ДОО Скопје.