Општина Штип годинава планира да ја започне изградбата на нов мост на реката Брегалница и обиколница која што ќе води кон индустрискиот дел на градот. Тендерот за изведба на проектот ќе се распише на почетокот на март, а неговата вкупна вредност ќе изнесува околу милион евра. Со новиот мост треба да се поврзат индустрискиот дел од градот со населбата „Сењак“. Со ваквото инфраструктурно решение треба да се оформи обиколница на периферијата од градот. Проектната документација предвидува изведба на мост со должина од 56 метри и со ширина од седум метри. Со градежниот зафат ќе се изградат и пристапни сообраќајници во должина од 200 метри од двете страни на мостот.
Градежните активности ќе се одвиваат во период од шест месеци и ќе започнат по изборот на најповолен понудувач на претстојниот тендер. Со изведбата на мостот ќе се формира нова обиколница што ќе излегува кај поранешната фабрика Алумина и кај старото Нервно одделение во Штип. Локалната самоуправа се одлучи да го реализира проектот поради преоптовареноста на булеварот „Гоце Делчев“ во Штип.