Претходна статија
Архитектонски конкурс за нова регионална библиотека во Варна
Следна статија
Објавен победничкиот архитектонски труд за новиот Луна парк

Нов „Кинески ѕид“ висок сто метри ќе се гради во Градскиот парк?!

Објавено на 16.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На локацијата на каде што сега се наоѓаат бараките на Град Скопје во Градскиот парк наскоро може да никне градежно чудовиште високо сто метри. Наместо да се изгради планираниот паркинг за посетителите на паркот, на градежната парцела со површина од 6.104 метри квадратни сега е предвидено да се издигне хотелски комплекс со дополнителни комерцијални намени на објектот. Од македонската влада овој нов „Кинески ѕид“ е именуван како „објект од посебен интерес“, со што ингеренциите на општина Центар и на граѓаните за да реагираат околу изградбата на вакво градежно чудовиште им се одземени.

 

 

 

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска го праша премиерот Никола Груевски дали посебен интерес за него е изградбата на хотел од 100 метри во Градскиот парк. „На 21 јули, во текот на летните одмори, Владата донела одлука дека земјиштето позади нас, на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, се прогласува како земјиште за градби од посебен интерес. По истиот криминален метод како со парцелите на ПУИГ, Владата си ја присвојува оваа атрактивна парцела во паркот со димензија од 218 метри должина и 28 метри ширина“, изјави Жерновски. Тој посочува дека на земјиштето не се планира изградба на обичен хотел, туку на градба долга и робусна како Кинескиот ѕид.

 

Од Министерството за транспорт и врски денеска излегоа со контрадикторна реакција на тврдењата на градоначалникот Жерновски. Во соопштението тие најпрво ги демантираат тврдењата дека ќе се гради објект со висина од 100 метри на местото на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, повикувајќи го првиот човек на Општина Центар да излезе со конкретен доказ. Веќе во следниот параграф се наведува: „Жерновски денеска на прес конференција излезе со тврдење дека Владата на Република Македонија планира уништување на зеленилото во Градскиот парк со наводната изградба на 100 метарски објект, а всушност посочи кон бараките во кои е сместена администрацијата на Градот Скопје, што претставува изградено и реализирано градежно земјиште, а не парк и зеленило“.

 

Градските власти уште во текот на 2012 година безуспешно трагаа по приватни инвеститори за атрактивнта парцела во Градскиот парк. За разлика од денес, дозволената висина на предвидената катна гаража тогаш изнесуваше само седум метри, при што објектот требаше да се протега во должина од над 200 метри покрај булеварот „Илинден“. За претстојниот градежен скандал, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска посочи дека ќе се бори со невладините организации и граѓаните против најавеното градежно чудовиште, повикувајќи на масовен граѓански отпор.

 

Пред само една деценија, скопјани жестоко реагираа на изградбата на многу помал објект во Градскиот парк од оној што сега се планира да се гради на местото на бараките на Град Скопје. Возобновувањето на објектот „Кермес“ во 2004 година предизвика лавина од негативни реакции, поради тоа што тогашниот инвеститор планираше градбата да биде неколку метри повисока од стариот угостителски објект што го паметат жителите на главниот град. По тогашната реакција, целокупната инвестиција во ова здание е стопирана до денешен ден.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk