Општина Прилеп денеска го претстави проектот за изградба на деловно – трговски објект во централното градско подрачје. Идното здание со приземје и два ката ќе има продавници, канцелариски простор и подземна гаража и ќе се гради на местото на сегашниот млечен пазар. Инвеститорот ќе се знае по продажбата на градежната парцела со големина од 1.617 метри квадратни, која во моментов е објавена на лицитација заедно со уште неколку локации. Трговскиот центар од затворен тип ќе се простира на површина од 1.443 метри квадратни, канцеларискиот простор е предвиден на површина од 658 метри квадратни, а потребата од паркинг простор ќе биде решена со изведба на подземен гаражен простор со капацитет од околу 100 возила и со површина од 1.296 метри квадратни.
Инвеститорот ќе треба да го реализира објектот во согласност со веќе подготвената проектна документација. Пријавувањето на заинтересираните субјекти за купување на оваа локација ќе се врши најдоцна до 24 декември, додека електронското јавно наддавање ќе се одржи на 28 декември. Земјиштето е проценето на минимум 4 милиони денари, со почетна цена од 230 денари за метар квадратен.