„ПроКредит“ банка се пресели во новоизградениот деловен објект во скопската населба Карпош 3, на аголот помеѓу булеварот Илинден и улицата Манапо. Зградата има приземје и четири ката и е поделена на канцелариски простор наменет за централната управа, како и површина предвидена за експозитура на банката. Проектот е реализиран во согласност со најновите достигнувања во областа на енергетската ефикасност и обновливата енергија. Објектот располага со 100 волтаици за производство на електрична енергија за сопствени потреби, има сопствени полначи за електрични возила, како и зелени градини на терасите. Вградени геотермални пумпи за ладење и греење на просториите, поставено е штедливо осветлување, како и енергетски ефикасна фасада.
Покрај задоволувањето на строгите мерки за енергетска ефикасност, новиот деловен објект е со минимална емисија на јаглерод диоксид во воздухот, со што истиот ќе придонесе за зачувување на животната средина. Проектната документација ја изработи скопското студио „Радиус Архитекти“, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Ривер Девелопмент“. Целокупните активности за изградба на новиот објект на „ПроКредит банка“ беа завршени за помалку од една и пол година.