Два од трите заинтересирани субјекти кои во февруари се пријавија на тендерот за управување со Технолошко – индустриската развојна зона Тетово (ТИРЗ Тетово) по моделот на јавно – приватно партнерство, ги исполниле условите од предквалификацијата и ќе бидат поканети да поднесат понуди во втората фаза од ограничениот повик. Норвежаните од Small Business Association of Norway, Blackard Global (SNB), Normac Investment Group AS, во соработка со SIVA Norway (SNS) од една страна и турската TBS Yonetim Isletme ve Insast Anonim Sirketi заедно со Пера Констракшн Интернационал ДОО Скопје влегоа во втората фаза по повикот за наоѓање на меѓународен оператор на зоната, соопштуваат од Министерството за економија. Според надлежните, изборот треба да финишира во третиот квартал годинава.
Инвестиционата вредност на ТИРЗ Тетово во делот на основната (внатрешна) инфраструктура се проценува на околу 15 милиони евра. Дополнителна инвестиција се придружните објекти неопходни за функционирање на зоната (надворешна инфраструктура), како административен објект, терминал и слично, која заедно со приклучокот до автопатот и до регионалниот пат ќе изнесува 4 до 5 милиони евра. Во зоната е планирана изградба на 25 до 30 индустриски комплекси со лесна незагадувачка индустрија кои би донеле околу 7 илјади нови вработувања.
Камен темелник за ТИРЗ Тетово беше поставен во јуни 2010 година. Зоната се простира на 95 хектари во близина на селото Сараќино и непосредно до автопатот Скопје – Тетово.
» Форумска дискусија за ТИРЗ Тетово
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=l4mYwyFeLPI&rel=0&w=515]