Само еден субјект покажал заинтересираност за изградба и стопанисување со идниот трамвајски систем во Скопје. Економскиот интернет – портал „Фактор“ денеска објави дека норвешкиот конзорциум составен од „П.Ј. Скурдал“ и „Метнит групацијата“ доставил понуда за учество во јавно – приватното партнерство со Градот Скопје за реализирање на крупниот проект. Градската власт засега не открива детали за доставената понуда бидејќи е неопходен подолг временски период за да се разгледа документацијата. Доколку целокупниот процес заврши успешно, тогаш норвешкиот конзорциум ќе треба да ја проектира инфраструктурата на трамвајската линија број 1, да изработи елаборат за оценка на влијанието врз животната средина, да ја изгради трасата во должина од 12,1 километри или вкупно 24,2 километри во двата правца, да ги изгради трамвајските станици, депото и другата потребна инфраструктура, да набави минимум 22 трамвајски возила и да го преземе стопанисувањето и одржувањето на системот.
Првичните проценки велат дека во овој проект треба да се инвестираат преку 240 милиони евра. Ако се склучи договор, тогаш норвешкиот конзорциум ќе ја добие концесијата врз скопскиот трамвај во период од 35 години. Физибилити – студијата предвидува првата трамвајска линија да ги поврзува населбите Ново Лисиче и Ѓорче Петров, минувајќи по булеварот Јане Сандански, централното градско подрачје и булеварот Партизански одреди. По подолго одолговлекување, Градот Скопје го објави тендерот за доделување концесија за изградба на скопскиот трамвај во декември минатата година.