И по шест години од почетокот на изградбата, општинската зграда во Карпош не е ставена во функција на граѓаните. Административниот објект не е довршен, а од Општина Карпош денеска излегоа со дополнителни податоци што го комплицираат завршувањето на овој проект. Државниот завод за ревизија во изготвениот Ревизорски извештај за материјално – финансиското работење на Општина Карпош открил низа пропусти при изградбата на општинската зграда. Изградбата на административниот објект е врз основа на проект што не бил одобрен од Советот на општина Карпош, како и без изменето одобрение за градење што не е во согласност со Законот за градење и Одлуката за изградба на административниот објект.
„За впишаното заложно право на идната градба и на земјиштето нема согласност ниту од Министерството за транспорт и врски, ниту од Државното правобранителство, како надлежни органи за заштита на имотните права, со што е повреден членот 12 од Законот за државно правобранителство“ изјави градоначалникот Стефан Богоев на денешната прес – конференција. Тој не посочи кога ќе се заврши со градба на овој административен објект. Сепак, меѓу информациите што ги спомена е и фактот дека Општина Карпош во моментов должи 18 милиони евра, акумулиран од минатите години.
Новата општинска зграда во скопската населба Карпош 3 требаше да го реши проблемот со сместување на администрацијата. Објектот со приземје, три ката и поткровје треба да обезбеди канцелариски простории за 200 вработени, како и паркинг простор со површина од околу 1.000 метри квадратни. Надворешниот лик на зградата речиси целосно е комплетиран, но останува да се доврши ентериерното уредување на овој објект.