Општина Зелениково ниту во вториот обид не успеа да најде приватен партнер за изградба на голф терени во близина на селото Пакошево, јавува весникот „Дневник“. Поради малиот интерес на инвеститорите, локалните власти планираат да ги прилагодат критериумите од повикот за јавно-приватно партнерство со некои од барањата на компаниите. Идниот концесионер нема да ја има обврската да изгради нов мост на реката Вардар, кој беше предвиден како врска со влезот во самиот комплекс. Откога ќе ја модифицира документацијата, општина Зелениково повторно ќе распише нов, трет по ред повик до инвеститорите.
Идниот концесионер на голф терените во Зелениково ќе го добие просторот во период од 30 години, а вредноста на концесискиот договор се проценува на 70.226.864 денари. Инвеститорот ќе треба да го изгради, оперира, управува и одржува планираниот спортско-рекреативен центар.