Претходна статија
Реконструкција на 10 улици и атмосферска канализација во Карпош
Следна статија
Се разгорува револтот на граѓаните против новиот ДУП за Карпош 4

„Незнаен јунак“ ќе ја гради катната гаража кај НИП „Нова Македонија“

Објавено на 18.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И по една недела од електронското јавно наддавање, Министерството за транспорт и врски не излегува со информации за тоа кој е новиот сопственик на атрактивната градежна парцела од 1.465 метри квадратни кај зградата на некогашна НИП „Нова Македонија“. На оваа локација во центарот на Скопје треба да никне „барокна“ катна гаража, која државната власт упорно сака да ја изгради и покрај противењата на општина Центар. На електронската лицитација одржана на 11 август се пронајде субјект што го купи земјиштето, по цена од 8.000 денари за метар квадратен, односно за вкупно 11.720.000 денари (190 илјади евра).

 

 

 

Од Министерството за транспорт и врски денеска за „Билд“ не сакаа да излезат со информации за компанијата што ќе ја гради замислената катна гаража со седум надземни и едно подземно ниво. Надлежното министерство молчи и за постапката по која ќе се избира идејното решение и основниот проект за објектот. Она што засега се знае е дека инвеститорот ќе мора да изработи фасада во еден стиловите на „Скопје 2014“ – барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Изработеното решение е планирано да го разгледува Комисија во рамки на министерството, чиј состав не е објавен во јавноста.

 

Продажбата на атрактивното земјиште кај НИП „Нова Македонија“ доаѓа по одлуката на општина Центар да не гради „барокна“ катна гаража на ова место. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски се спротивстави на натамошната „барокизација“ на централното градско подрачје, посочувајќи дека општинските пари за овој проект ќе се пренаменат за изведба на ново основно училиште во населбата Капиштец.

 

 

Бојан Блажевски