Претходна статија
Ниту новите возови не донесоа повеќе патници и стока за железницата
Следна статија
Цената на становите во Скопје во благо опаѓање

Невладините бараат нови потписи против инфраструктурните проекти во Охрид

Објавено на 26.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На последното заседание на Организацијата за образование, наука и култура УНЕСКО во Истанбул и официјално се искажа загриженоста за иднината на охридскиот регион под напливот на големиот број инфраструктурни проекти што е предвидено да се градат. Од УНЕСКО било јасно потенцирано дека Охрид наредната година може да се најде на листата на градови во опасност, која е само еден чекор пред одземањето на статусот на светско културно наследство на овој македонски град. Како последица на ваквите согледувања на УНЕСКО, невладините организации предводени од „Фронт 21/42“ повторно ја реафирмираат меѓународната петиција за заштита на Охрид и Охридското езеро од најавените проекти.

 

 

На он-лајн петицијата во изминатиов период се потпишани над 16.000 лица од целиот свет, кои бараат од македонскиот премиер и од останатото државно раководство да се повлече од намерата за реализација на проектите, вклучувајќи го експресниот пат Охрид – Пештани преку Галичица, скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа.

 

„Ние имаме право и должност да го заштитиме наследството и да го пренесеме на идните генерации, не само во Македонија, туку и на следните генерации во светот. Затоа ја започнавме оваа кампања, и бараме мораториум на овие деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување со природното и културното наследство на Охрид“ се вели во петицијата.