Претходна статија
Кредит за реконструкција на три училишта во Кавадарци
Следна статија
Започна реконструкцијата на регионалниот пат Нов Дојран - Николиќ

Непредвидени работи повторно го поскапија довршувањето на катната гаража „Тодор Александров“

Објавено на 30.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дополнителни 13.315.528 денари (215 илјади евра) ќе му се исплатат на изведувачот „Бетон“ од Скопје за непредвидени работи што се појавиле во текот на изградбата на катната гаража кај „Беко“, во центарот на Скопје. Оваа катна гаража на која и беше дадено името „Тодор Александров“ се гради повеќе од четири години од страна на Град Скопје, но до денешен ден не е довршена и ставена во функција. Притоа, финансиската конструкција е непознаница, ако се земе во предвид фактот дека на половина од реализацијата на зафатот се промени изведувачот на работите. Првичната проценка на градските власти беше дека зданието ќе чини околу 850 милиони денари, но се чини дека вкупната сума со новопотпишаните договори ќе биде поголема од очекуваното.

 

 

 

Од Градот Скопје даваат свое објаснување за дополнителните трошоци. „Потребата за реализација на непредвидените работи на објектот евидентирани во анализите се произлезени од некомплетно третиран проект и испуштеното во договорната документација, согласно неговата улога од технички, функционален и безбедносен аспект. По ова, од страна на проектантот изработена е дополна на основниот проект“, се наведува во образложението. Засега останува нејасно дали некој воопшто ќе одговара за овој недостаток. Пуштањето во употреба на катната гаража кај „Беко“ доцни повеќе од две години.

 

Објектот со две подземни и седум надземни нивоа во моментов е во завршна фаза од изградба. Во централното градско подрачје тој треба да реши дел од проблемот со недостиг на паркинг места. Капацитетот на катната гаража ќе изнесува 605 автомобили и 105 велосипеди. Зданието започна да се гради кон крајот на мај 2011 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk