Претходна статија
„Гранит“ ќе го реконструира булеварот Јане Сандански во Скопје
Следна статија
„Виз Ер“ ќе ги искористи владините субвенции за да воведе шест нови авиолинии

Нема заинтересирани за изградба на новиот административен објект на општина Центар

Објавено на 13.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Повторно пропадна обидот за продажба на градежното земјиште на кое треба да се изгради новата административна зграда на општина Центар. Драстичните промени во критериумите за купување на атрактивната парцела во Дебар Маало и за изградбата на општинскиот објект во „барокен“ стил не им се допаднаа на инвеститорите. Денешното електронско јавно наддавање на градежната парцела со површина од 7.528 метри квадратни заврши неуспешно, иако почетната цена за отуѓување на земјиштето изнесуваше 2.800 денари за метар квадратен и беше намалена за повеќе од 50% во споредба со претходно распишаниот оглас на Министерството за транспорт и врски, кога за истата парцела се бараа 6.480 денари за метар квадратен.

 

На последниот неуспешен оглас, на заинтересирани инвеститори им се понуди да задржат за себе 49% од планираниот објект со приземје и 15 ката, сегмент од зградата со намена за големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни дејности, мали комерцијални и деловни дејности и за култура. Најдобриот понудувач за возврат требаше да ја изгради општинската зграда со свои средства. Од надлежното министерство и од општината Центар не дадоа објаснување зошто се одлучија претходната понуда на објект со приземје и 4 ката и со висина од 18 метри да ја заменат со огромно здание со висина од дури 55 метри.

 

За разлика од оваа, минатата понуда од министерството подразбираше купувачите на земјиштето да задржат до 40% од објектот во кој треба да се смести локалната самоуправа на Центар. Општина Центар уште во 2009 година се одлучи да гради нова општинска зграда како адекватна замена на досегашните руинирани бараки. Засега не е познато кога и под кои услови ќе се распише нова објава за отуѓување на оваа градежна парцела. Локалните власти од Центар и Министерството за транспорт и врски денеска не излегоа со соопштение дали имало заинтересирани инвеститори на наддавањето и кои се причините за вториот по ред неуспешен обид за продажба на земјиштето.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект