Претходна статија
Седма енергетски ефикасна фасада изведена од општина Центар
Следна статија
Спортска сала за Домот за деца без родители „11 Октомври“

Нема ниту најава за градење на хидроелектраната „Чебрен“

Објавено на 28.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Хидроелектраната „Чебрен“ со планиран инсталиран капацитет од 333 мегавати останува да се гради единствено на хартија. Неколкудецениските ветувања за предвидениот енергетски капацитет на Црна Река се повторно нереализирани, поаѓајќи од фактот дека не се соопштуваат никакви информации околу иднината на овој проект. „Билд“ се обиде на почетокот на месецов и во текот на денешниот ден да добие одговори од Министерството за животна средина и просторно планирање за планираните чекори поврзани со изградбата на хидроелектраната „Чебрен“, но оттаму не добивме никаков одговор.

 

 

 

Последната информација за овој проект е од јули минатата година. Тогаш македонската влада се изјасни дека ќе ја разгледа понудата на грчката енергетска компанија „Паблик Пауер Корпорејшн“, која беше единствениот заинтересиран субјект за склучување концесионерски договор. Овој инвеститор требаше да ја изгради хидроелектраната „Чебрен“, но и да го добие управувањето на постоечката хидроелектрана „Тиквеш“ во рок од 52 години. Македонските власти објавија вкупно 11 јавни повици за пронаоѓање заинтересиран инвеститор во енергетскиот проект, но ниту еднаш постапката не резултираше со успех.

 

Вкупната инвестиција во хидроелектраната „Чебрен“ е проценета на 300 милиони евра. Извршната власт веќе неколку години се обидува да го реализира проектот по пат на потпишување договор за јавно – приватно партнерство. Проектите за искористување на водниот потенцијал на Црна Река влечат потекло од 60-тите години на минатиот век, но досега не е изградена ниту една од замислените хидроелектрани „Чебрен“, „Галиште“ и „Орлов Камен“.

 

 

Бојан Блажевски