Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ донесе решение за поништување на одобрението за изградба на планираната катна гаража позади Собранието на Р.М. во строгиот центар на Скопје. Министерството за транспорт и врски ја продаде градежната парцела од 2.455 метри квадратни во јуни 2013 година по цена од 8.355 денари за метар квадратен. Локацијата ја купи фирма „АНГО ДООЕЛ“, но општина Центар пет и пол години подоцна се одлучи да го поништи одобрението за градење што самата го издала на 26 август 2014 година.
Како што информираат од општина Центар, законски предвидениот рок за отпочнување со градење е 2 години од правосилноста на одобрението за градење. На 7 септември 2016 година, инвеститорот поднел барање за отпочнување на градежни работи за изградба на објектот. Сепак, општинските власти од Центар побарале од Бирото за судски вештачења со вешт наод и мислење да ја утврди фактичката состојба, по што било заклучено дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради.
„Врз основа на добиените заклучоци од Инспекциските служби и вештачењето од Бирото за судски вештачења, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, издаде решение за огласување на ништовност на одобрението за градба и го поништи претходно издаденото одобрение за градење на катната гаража“ се вели во соопштението на општина Центар.